Прифати или оди си: Ливерпул ја испрати последната понуда до Александер Арнолд!

Ливерпул продолжува со напорите да го задржи Трент Александер Арнолд на „Енфилд“, испраќајќи нова официјална понуда за продолжување на соработката со еден од најдобрите десни бекови во светот.

Реал Мадрид, кој е во офанзива за да го привлече англискиот репрезентативец како слободен играч на крајот од сезоната, се соочува со решителноста на „црвените“ да го задржат својот клучен фудбалер. Според последните информации, Ливерпул понудил петгодишен договор вреден над 78 милиони фунти, со загарантирана неделна плата од 300.000 фунти, плус бонуси за освоени трофеи. Иако понудата на „црвените“ е финансиски поповолна во однос на неделната плата, Реал Мадрид привлекува со богат бонус од над 30 милиони евра за потпис на договорот.

„Мирен сум и нема потреба да зборувам на оваа тема. Досега имам потпишано три нови договори со Ливерпул и секогаш било мирно, далеку од очите на јавноста, се до официјализацијата“, изјави неодамна Александер Арнолд, оставајќи простор за шпекулации за неговата иднина.

Со оваа нова понуда, Ливерпул јасно покажува дека е подготвен да направи се за да го задржи својот играч и да ја одбрани својата позиција во трката со шпанскиот гигант.