Премиерлигата во последните пет години потрошила осум милијарди евра!

Англиската Премиерлига во последните шест години од 2016 година до денеска севкупно потрошила неверојатни осум милијарди евра на трансфери, а шпанска Барселона е рекордер со потрошени една милијарда евра како клуб во овој период, покажа последното истражување, кое јасно покажува колкави суми на пари се вртат во денешната „модерна ера“ на фудбалот.

Премиерлигашите во просек трошеле по 1,6 милијарди евра во овој период, а верувале или не втора лига која најмногу трошела е италијанската Серија А со пет милијарди или по милијарда годишно, иако калчолигашките екипи во изминатава деценија немаат освоено ниту еден европски трофеј од 2011 до 2021 година со само три финалиња, две на Јувентус во ЛШ (2015 и 2017) и едно на Интер во Лига Европа (2020).

Зад Англија и Италија е шпанската Ла Лига со вкупно 4,4 милијарди евра, германската Бундеслига потрошила 3,3 милијарди, додека француската Лига 1 е последна од „лига петка“ со 3,1 милиајрда евра потрошени во овој период.

Ако се говори по чист профит од трансфери, Португалија е број еден и земја која севкупно заработила една милијарда евра од продажба на играчи, а зад Португалија е најголемиот светски извозник на фудбалери Бразил со 743 милиони евра заработка, а следат холандската Ередивизија со 620 милиони, англискиот Чемпионшип со 566 милиони и аргентинската Суперлига со 439 милиони. Во топ десет има и една екс-ју република, Хрватска, која од трансфери во овие пет години има чист ќар од 250 милиони евра.

Кога ќе се погледне на клупски план, Барса е лидер со милијарда евра потрошени, па не чуди и зошто сега долгот е алармантен од 1,2 милијарди, а зад каталонската гордост е Манчестер сити со 948 милиони евра, Јувентус со 943 милиони, Челси со 984 милиони, Манчестер јунајтед со 776 милиони, ПСЖ со 755 милиони, Интер со 685 милиони, Атлетико Мадрид со 676 милиони, Арсенал со 591 милион и Реал Мадрид со 588 милиони.

Кога станува збор за заработката по клубови, убедливо најмногу профитирала Бенфика во овие пет години со заработени 398 милиони евра пред Ајакс со 262 милиони, Ред Бул Салцбург со 234 милиони, Спортинг Лисабон со 190 милиони и Лил со 159 милиони, а загрепски Динамо кој е број еден клуб во регионов е девети со чиста заработка во овие пет години од безмалку 110 милиони евра.