Познати тројцата кандидати за клупата во Барселона на местото на Сетиен

Заминувањето на Кике Сетиен од кормилото на Барселона по завршувањето на Лигата на шампионите е веќе извесно од поодамна, без оглед дали каталонската гордост ќе ги освои „големите уши“ во Лисабон.

Лошите настапи, загубената титула во Ла Лига и многуте проблеми во соблекувалната, од поодамна по се изгледа му го напишаа отказот на Сетиен, па еден куп имиња се свртеа како потенцијални кандидати за негов наследник, а последните информации од Каталонија најавуваат дека долгата листа на кормилари е скратена на само тројца.

Кого ќе избере Барселона не се знае, ама познато е дека во најтесна конкуренција се двајца Аргентинци, Маурисио Покетино, кој веќе од поодамна е без клуб после заминувањето од Тотнем, како и Марсело Галјардо, актуелниот тренер на култната Ривер плејт. Трет во комбинација е Гарсија Пимиента.

Медиумите во Шпанија потенцираат дека за изборот на нов тренер, клучниот „глас“ е кај првата ѕвезда на тимот, Лионел Меси.

Барселона против Баерн во петок ќе го одигра четвртфиналето во Лигата на шампионите на фајнлејт-турнирот во Лисабон, кој стартува денеска со првата четвртфинална пресметка помеѓу Аталанта и Пари Сен Жермен.