Познати деталите: Фенербахче трие раце од Елмас – рекорд за паметење и бизнис за историја! (ФОТО)

Македонскиот бисер Елиф Елмас денеска во Рим ќе го комплетира рекордниот трансфер на еден македонски фудбалер со преминот во италијанскиот вицепрвак Наполи, откако Фенербахче после две години го продава за солена сума на пари и Турците вкупно ќе заработат сто пати повеќе од тоа што платија за младиот фудбалер за врска.

Италијанскиот новинар Матео Педроси утрово ги објави сите детали од трансферот на Македонецот во Наполи, според кој севкупно Фенербахче ќе инкасира 19 милиони евра во следниот период. Тоа е најголем трансфер во историјата на овој турски клуб, а без сомнение најголем трансфер на еден Македонец.

Според деталите, Фенербахче во Наполи го продаде Елмас за 16 милиони евра, но истанбулскиот клуб ќе добие уште 1,5 милиони евра во бонус (после 50 настап на младиот фудбалер), а договорена е и „провизија“ како процент од следниот трансфер од 1,5 милиони евра. Севкупно Фенербахче добива 19 милиони евра, што е повеќе од 100 пати од тоа што го платија за македонскиот фудбалер.

Елмас дојде во Истанбул пред две години од скопски Работнички за само 180.000 евра и тоа тренинг-компензација и очигледно ова е најдобриот бизнис што турскиот клуб го направил во историјата.