По пауза од осум месеци, Тер Штеген е подготвен да се врати на голот на Барса

Утрешниот дуел против Ваљадолид најверојатно ќе го означи враќањето на терените на капитенот на Барселона, Марк Андре Тер Штеген.

Иако од клубот се уште нема официјална потврда, шпанските медиуми тврдат дека Ханси Флик подготвува големи ротации во составот, со цел главните играчи да бидат подготвени за реваншот против Интер во вторник. Една од измените ќе биде Марк Анде Тер Штеген кој целосно ја санира повредата и е подготвен да застане на голот, на местото на Војчех Шчесни кој беше прилично несигурен последните недели.

Тер Штеген е во аут од 22 септември кога се повреди на дуелот против Виљареал на гостински терен. Поради неговата повреда, Барселона го ангажираше Шчесни, поточно го врати од пензија и тој откако ја постигна потребната физичка форма, го презеде местото во стартната постава, а со него на голот, Барса досега доживеа само еден пораз и тоа безболен, од Борусија Дортмунд во четвртфиналето од ЛШ.

На утрешниот дуел со последнопласираниот Ваљадолид, најверојатно на клупа ќе останат и Педри и Де Јонг, се шпекулира дека одмор ќе добие и Јамал, а во стартната постава се очекува да бидат Форт, Кристенсен, Фати, Виктор и Гави кои не беа стандардни досега.