Петиција низ Италија: Дајте ѝ го „скудетото“ на Аталанта!

Италијанска Аталанта беше хит во Лигата на шампионите, обезбеди четвртфинале во својата деби сезона, а заедно со римски Лацио, го игра најатрактивниот фудбал, но далеку се „сино-црните“ од врвот во трката за шампионската круна. Но, на Апенините, каде во моментов се води жестока битка со коронавирусот, веќе се појави петиција - „скудетото“ да оди во Бергамо!

Бергамо е градот кој преживува најголема трагедија од Ковид-19 и тоа откако епидемијата експлодира по мечот на Аталанта со Валенсија на „Сан Сиро“ во Милано во февруари годинава. Во градот не може да се добројат жртвите, а навивачите веќе објавија дека не сакаат ни да чујат за фубал во вакви тешки времиња.

Прашање е дали Аталанта и воопшто би ја доиграла сезоната, кога и таа да продолжи и ако продолжи летово. Затоа веќе се појави петиција, во знак на солидарност, но и поради фактот дека клубот играл најатрактивен фудбал со 70 гола до прекинот, 20 повеќе од Јувентус, а 10 од Лацио да го добие „скудетото“. Инаку Аталанта до прекинот со 48 бода беше четврта, 15 бода помалку од лидерот Јувентус.

Во Италија бројот на починати надмина 15.000, а само во Бергамо се половина од жртвите – 8.656. Јувентус веќе објави дека ако не се доигра првенството нема да прифати шампионска титула, а Аталанта никогаш не била првак на Италија и секогаш била просечен тим на Апенините, се до доаѓањето на Џампјетро Гасперини.