Пандев првпат против Мурињо: Рим го обединив да ме свиркаат - и романисти и лацијали!

Македонскиот рекордер по број на настапи (122) и голови (38) во националниот дрес, Горан Пандев во последната своја сезона пред заминување во пензија ќе се соочи денеска со Жозе Мурињо, кормиларот на Рома, што ќе биде првпат за нашиот калчолигашки ас да игра против еден од своите најомилени тренери со кој стигна до најголемите успеси во кариерата.

Пандев после две децении откако од Беласица уште како младинец дојде на Апенините ја игра последната сезона, а најдобрата во кариерата му беше пред 11 години во дресот на Интер кога под палката на Мурињо освои сѐ што можеше – од „скудето“ до Лига на шампионите. Но, вечерва, 20.45 часот, струмичанецот ќе се бори за својата Џенова за да ја спаси и сезонава од испаѓање, а бодовите и тоа како се потребни за најстариот клуб во Италија против четата на Мурињо.

„Жозе е човекот кој ми ги смени видиците и перспективите. Откако се разделив со Лацио, ме побара веднаш и посака да дојдам во Интер, клубот кој ме донесе во Италија. Ми личеше на сон, а потоа сѐ мина феноменално. Јас имам прекрасни спомени од 'триплетата', а Мурињо е човекот кој секој фудбалер посебно го мотивира, дури и тие што се резерви. И секогаш ги брани. Од моето искуство, јас под негово водство тешко дека заиграв во својата улога, на својата позиција. Ама кога го видов Ето дека игра како фул-бек, прво што сфатив беше – штом тој може, можам и јас“, вели Пандев.

Пандев против Рома ќе тргне во нападот, а македонскиот ас е свесен дека нема да има топол дочек од навивачите на Рома, зашто го паметат по лошо додека играше за Лацио, ама ни во синиот дел од „вечниот град“ не е омилен откако не сакаше да го продолжи договорот, па Клаудио Лотито го закотви на трибини, а заминувањето потоа ги налути „Курва Норд“.

„Два збора ми текнуваат кога ќе се спомене Рома: Лацио и Мурињо! Секако дека ова е посебен меч, а Рома е противник како никој друг, најмногу и поради Жозе. Навивачите секако ќе ме свиркаат, ама сега тоа се случува и со навивачите на Лацио – и тие ме свиркаат. Јас успеав барем во нешто да ги спојам двата лути и ривалски навивачки групи од Рим“, посочува Пандев.

На „специјалниот“ не му оди баш најдобро во моментов во Рим, иако тргна извонредно, па безбројни се критиките кон Португалецот, но Пандев посочува дека треба да се има трпение зашто Мурињо ќе донесе многу добри работи во „волчицата“.

„Јас морам да признаам дека неговото доаѓање во Рома ме изненади, ги знам условите и не е лесно, ама убеден сум дека ќе почне да победува порано или подоцна, а тој е на вистинското место во вистинско време. Само треба да добие добри услови и да се следат неговите инструкции, пред се на трансфер-пазарот, ама и потоа. Жозе мора да добие бланко чек, а тој штом прифатил да дојде во Рома, значи дека сака да напише историја“, додава Пандев.