Пандев почна од клупата: Џенова со еден шут до еден бод кај Сасуоло (ВИДЕО)

Фудбалерите на Џенова новата 2022 година ја почнаа со освојување голем бод на гостувањето кај Сасуоло (1-1), кој и тоа како ќе им значи во борбата за опстанок во Серија А.

Тимот на нашиот Горан Пандев, кој мечот го почна од клупата, изненадувачки прв дојде до водство уште во седмата минута со погодокот на Дестро, што беше единствен шут во рамки на голот на противникот во текот на целиот натпревар. Домаќинот доминираше во сите 90 минути, имаше дури 28 шута кон голот на Џенова, од кои седум беа во рамките, а единствен што ја затресе мрежата беше ударот на Берарди во 55. минута.

Пандев на теренот влезе во 75. минута, кога ја доби и капитенската лента, но не направи ништо освен што помогна да се задржи бодот. Џенова останува претпоследна во Серија со само 12 бодови, четири помалку од Специја, која е прва над линијата за испаѓање од елитата.