Легендата на Вардар ја завршува кариерата – ова е последна сезона за Дибиров!

Рускиот ракометар и двоен освојувач на Лигата на шампионите со Вардар, Тимур Дибиров, соопшти дека оваа сезона ќе биде неговата последна во професионалниот спорт.

Како причина за оваа одлука, 41-годишниот Дибиров посочи дека сака повторно да биде заедно со своето семејство. Во изјава за руските медиуми, тој откри дека разделеноста со сопругата и ќерката, кои живеат во Ростов, била клучниот фактор.

„Најтешко за моето семејство во моментов е што сме разделени. Јас сум со синот во Загреб, додека Ирина и ќерката се во Ростов. Затоа ја донесов оваа одлука. Ќе ја завршам сезоната, а потоа ќе ја затворам оваа страница од мојот живот“, изјави Дибиров.

Дибиров пристигна во Вардар во 2013 година од Чеховски Медведи и остана во клубот до 2022 година. Во тој период, тој беше дел од историјата на клубот, освојувајќи две титули во Лигата на шампионите.