Откриени детали: Игуаин од почеток правел глупости за да издејствува трансфер во Челси

Аргентинската ѕвезда Гонзало Игуаин од вчера и официјално е нов фудбалер на Челси, по само шест месеци минати во Милан, откако го комплетираше трансферот за нов заем од Јувентус, а „росонерите“ како негова замена ја ангажираа полската сензација Криштоф Пјатек.

Но, откако замина Игуаин во Челси и синоќа имаше официјална промоција на „Стемфорд бриџ“ не мина ни еден ден, за да биде отворена „пандорината кутија“ и италијанските медиуми да го изнесат на виделина сиот „валкан веш“ од соблекувалната на Милан, во кои тврдат дека од првиот ден од доаѓањето на „Сан Сиро“, Аргентинецот правел проблеми за да си замине.

Според медиумите, Игуаин не сакал воопшто да игра за Милан, туку од самиот старт кога веќе дознал дека нема место за него во Јувентус по доаѓањето на Кристијано Роналдо, сакал да оди кај Маурицио Сари во Челси. Проблемите почнале од стартот, против Калјари ги обвинувал соиграчите дека не му додаваат, сметал дека Милан има преслаб тим.

Џенаро Гатузо сметал дека Игуаин треба да биде лидер, ама наместо тоа аргентинскиот напаѓач бил толку негативен, па после обвинувањата по мечот со Калјари, Гатузо го опоменал и „експлодирало“ сè.

Не успеал ни обидот на Леонардо и Паоло Малдини да го смират, зашто Игуаин веќе го скроил планот дека што побргу сака да си оди и да потпише за Челси. Кулминацијата дошла во Џеда, во Саудиска Арабија кога измислил дека е болен, а сè завршило да биде резерва на клупата по ултиматумот што го добил од Малдини.

И капак на сè бил последниот меч со Џенова, во кој Игуаин не бил во конкуренција со облазложение од Гатузо дека „не е подготвен за настап“, а всушност малку фалело на последниот тренинг популарниот „Пипита“ да се степа со тренерот. Сè завршило со жестоки навреди и кавги, кога веќе било извесно дека Игуаин ќе оди во Челси.

На крајот трансферот е реализиран, а бившиот фудбалер на Реал Мадрид, Наполи, Јуве сега има нов предизвик. Веројатно во добивка е и Милан, каде атмосферата сега нема кој да ја руши, а Пјатек треба да покаже дека е врвен напаѓач, кој есеноска даде 19 гола на 21 меч за Џенова.