Откриена тајната за Иличиќ: Паднал во депресија бидејќи се разболел од коронавирус!

Шокантни беа вестите за словенечката калчолигашка ѕвезда Јосип Иличич летоска, кога реши привремено да се повлече од фудбалот, зашто болува од потежок облик на депресија, па италијанските медиуми се тркаа кој поголема шпекулација ќе пласира за причините за сето тоа.

Почна со аферата дека Иличич ја фатил сопругата во неверство, па потоа излезе информација дека не можел да го поднесе лудилото со коронавирусот кој го пеплоса Бергамо, како едно од најголемите жаришта во Европа, како и дека веќе подолг период од две години имал психички проблеми поради кои сега едноставно експлодирал.

Но, неговиот соиграч Алехандро „Папу“ Гомез сега првпат ја откри тајната за Словенецот, која е сосема поинаква од тоа што се објавуваше на Апенините.

„Сешто се пишуваше и се зборуваше за Јосип, ама единствената вистина е дека тој закачи коронавирус и тоа потежок облик. Ефектот после тоа беше дека падна во депресија. Не можеше да го издржи тој притисок и тие сцени од Бергамо. Затоа се врати во Словенија, за да избега од психозата која владееше во Бергамо. Помина низ многу грозна ситуација, па мислеше дека едноставно ќе му експлодира главата. Најважно од сè е дека се опорави и дека сега е сè во ред“, вели Папу Гомез.