Охрабрувачка порака на Солшер: Де Хеа е ментално силен, си ја знае својата работа

Изминативе неколку дена Давид Де Хеа беше на силен удар од страна на аналитичарите бидејќи шпанскиот чувар на мрежата на Манчестер јунајтед беше главен виновник за елиминацијата на клубот од Челси во полуфиналето во ФА Купот.

Шпанскиот голман направи катастрофална грешка при водечкиот гол на Оливие Жиру во првото полувреме, а потоа по паузата згреши при голот на Мејсон Маунт. Јунајтед беше поразен со 3-1 на тој дуел, што доведе до повици клубот што поскоро да се ослободи од Де Хеа.

Сепак, менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солшер, изјави дека голманот на „црвените ѓаволи“, кој во моментов се бори за место во Лигата на шампионите следната сезона, мора да се фокусира на дуелот со Вест Хем во среда вечер.

Ова нема да стане конференција за Де Хеа, ние ќе се држиме заедно. Давид е ментално доволно силен за да знае дека негова работа е да се покаже на тренинзите и да биде подготвен за натпреварите. Имавме одредени проблеми како клуб, сме губеле големи дуели и порано и сме успеале да ја свртиме ситуацијата и да се покажеме. Мора да го сториме тоа сега. Ние нема да зборуваме за поединци затоа што никој нема да почувствува дополнителен притисок, истакна Солшер.

Јунајтед моментно го држи петтото место на табелата со 62 бода, исто како и четвртопласираниот Лестер, но „лисиците“ имаат дуел повеќе. Доколку слават против „чеканите“, екипата на Солшер ќе има три бода повеќе од Лестер пред меѓусебната средба во последното коло во недела. Сепак, норвешкиот стручњак вели дека неговиот тим нема да има толку лесна работа во дуелот со избраниците на Дејвид Мојс, кој порано беше на негово место.

Дејвид е фантастичен менаџер, знам дека ќе биде тежок натпревар затоа што постигнаа фантастични победи против Норвич, Вотфорд, Челси и го обезбедија своето место, што значи дека тој врши одлична работа. Ако успееме да останеме непоразени, тоа ќе значи дека ќе играме во Лигата на шампионите следната сезона, но сега се концентрираме на Вест Хем, знаеме кој е наша закана, истакна Солшер.

Натпреварот помеѓу Манчестер јунајтед и Вест Хем е закажан за во среда во 19 часот.