Официјално: Алиоски ја заврши сезоната, нема да игра ни за Македонија во јуни!

Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски дефинитивно ја заврши сезоната откако вчера го скинал менискусот на коленото и попладнево ќе оди на операција, поради која најмалку ќе паузира најмалку во следнте шест недели.

Лидс јунјатед денеска ја објави лошата вест, за која стравуваа сите дека, Алиоски ја завршува сезоната откако се повреди на вчерашното гостување со Брентфорд. Алиоски сезонава беше првотимец и како стартер ги играше сите мечеви во Чемпионшип, вкупно 43 и на 44-от натпревар, два пред крајот на сезоната се повреди.

Повредата доаѓа во најлош момент за Македонија, зашто Алиоски е еден од најдобрите фудбалери, кој игра во извонредна форма и ја покрива целата лева страна од теренот. Поради операцијата и долгиот период на рехабилитација, веќе сигурно е дека нема да игра на јунските мечеви на 6 и 10 јуни со Полска и Австрија во евроквалификацискиот циклус. Паузата е предвидена од шест до осум недели во зависност од процесот на рехабилитација.

„Разочарани сме од веста за Алиоски и веќе сигурно е дека нема да игра до крајот на сезонава. Тој покажа дека е голем квалитет, дека може да игра на различни позиции, популарен е и е пример за младите“, вели Виктор Орта, директорот за фудбал на Лидс.

Алиоски дојде во Лидс во летото 2017 година од Лугано и досега одигра 90 меча на кои даде 14 гола и имаше 11 асистенции.