
Новиот фудбалер на Јунајтед е чудо – на скокот и Џордан би му позавидел (ВИДЕО)
Дваесет и двегодишниот голгетер потпиша договор до јуни 2030 година, а англискиот гигант плати 85 милиони евра за неговиот потпис — иако пред неколку години можеше да го донесе за речиси 30 пати помала сума. Шешко, кој својата спортска приказна ја започнал во кошарката, со текот на времето се насочил кон фудбалот. Со висина од 195 сантиметри, првично бил „логичен избор“ за кошаркарскиот паркет или за голманска позиција, но неговата вештина и страст го однеле во нападот. Еден видеоклип од младоста, на кој со нога вади заглавена кошаркарска топка од обрачот, уште тогаш навестил дека неговата иднина е на фудбалскиот терен.
Татко му бил голман во пониски лиги, но на младиот Бенџамин таа улога му била здодевна. Започнал да игра во родното Радече, а потоа настапувал за Рудар и Кршко, пред да се пресели во Домжале. Таму блеснал со 59 голови на 23 натпревари во кадетската лига, што привлекло внимание и од странски клубови, меѓу кои и Манчестер Јунајтед. Англискиот клуб во тоа време не бил подготвен да плати три милиони евра за 16-годишниот напаѓач, па Шешко ја прифатил понудата од Салцбург. Првите две сезони ги поминал во второлигашот Лиферинг, што било вистинска отскочна даска за неговиот развој. Како полнолетен се вратил во Салцбург, постигнал 21 гол и забележал шест асистенции, со што го најавил следниот голем чекор — трансфер во Лајпциг.
Иако почетокот во Бундеслигата не му бил идеален, под водство на тренерот Марко Розе станал еден од клучните играчи. Минатата сезона постигна 21 гол во сите натпреварувања, вклучувајќи по два погодоци против Баерн Минхен и Јувентус.