Нова фудбалска бура во Шпанија: Реал Мадрид со нерегуларен гол ја победил Селта!? (ВИДЕО)
Гостите од Мадрид поведоа уште во 11. минута со голот на Орелиен Чуамени, а домаќините возвратија во 25. минута кога Борха Иглесијас погоди за 1-1. Се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, но во четвртата минута од судиското продолжение на одбиена топка налета Федерико Валверде и ја затресе мрежата за голема радост на гостите. Тимот предводен од тренерот Алваро Арбелоа со оваа победа го задржа второто место на табелата со 63 бода – еден помалку од Барселона, која притоа има и натпревар помалку.
Победата на Реал Мадрид не помина без контроверзии. Пред победничкиот гол домашните жестоко протестираа и бараа ВАР-проверка поради можен прекршок во зачетокот на акцијата (видеото погледни го ТУКА). Во центарот на вниманието се најде младиот Мануел Анхел Моран, кој на теренот влезе дури во 90. минута. Токму тој на почетокот од акцијата стартуваше врз Фер Лопез, но судијата процени дека нема елементи за прекршок. Од ВАР-собата пристигна потврда дека сè е регуларно, па погодокот остана да важи.
Таквата одлука предизвика голем бес кај домашните играчи, но и кај дел од шпанската фудбалска јавност, бидејќи евентуалното реми ќе значеше сериозен удар за Реал во трката со Барселона. Тренерот на Селта, Клаудио Хиралдез, по натпреварот не го криеше разочарувањето.
„Тоа беше чист прекршок со двете нозе. Немам повеќе што да додадам“, кратко изјави стратегот на домаќините.