Николов: Го избрав Лече пред Бреша, бидејќи и Пандев ми кажа убави работи за овој клуб!

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов ќе биде петтиот македонски интернационалец во италијанскиот фудбал, откако денеска и официјално беше промовиран за нов член на второлигашот Лече, каде дојде пред неколку дена и веќе и тренираше со новите соиграчи.

Лече денеска го промовираше македонскиот репрезентативец кој доаѓа во клуб каде веќе игра еден екс-член на националниот тим Леонард Жута, па уште полесна ќе му биде адаптацијата во новиот клуб на бескомпромисниот борец од средниот ред. Николов на промоцијата откри дека го одбрал Лече пред Бреша, која исто така била заинтересирана, а за доаѓањето на Апенините го контактирал и Горан Пандев, кој му кажал убави работи за овој клуб.

„Јас бев близу до Бреша, но Лече е клуб со голема традиција, многу години играл во Серија А и Серија Б, има амбициозен проект и моја цел е да се покажам во најдобро светло и да играме во Калчото. Ова е доста силно првенство во кое ќе може да ги покажам своите квалитети. Пред еден месец почнав разговори со Лече, а Горан Пандев му кажа убави работи за клубот, за тимот. Кога ме контактираше директорот, бев среќен што Лече се интересира за мене и моја желба е да останам тука многу години“, рече Николов.

Поранешниот фудбалер на Вардар, кој во Италија доаѓа од МОЛ Фехевар, ќе продолжи да игра со бројот 16.

„Го избрав бројот 16, зашто тој ми носи среќа, со тој број играм и за репрезентацијата и се надевам дека ќе ми донесе среќа и тука. Жута го знам, добар пријател ми е, веќе пиевме кафе и разговаравме за градот и за тимот“, додаде Николов.

Цел на второлигашот од југот на Италија е да се врати во калчолигашката елита, а Николов посочи дека одлично е примен во новата сезона и дека брзо ќе се прилагоди на новиот стил. Лече за три дена го чека пресметка со Емполи, кога се очекува Николов и да дебитира.

„Дојдов да му помогнам на Лече да се пласира во Серија А. Мислам дека имаме доволен квалитет за такво нешто. Веќе ги запознав соиграчите, убаво ме прифатија, се почувствував како дел од семејството и сега сум подготвен да играм. На тренерот е да реши кога ќе играм, но јас сум спремен. Јас сум играч кој игра од еден до друг шеснаесетник, можам да се прилагодам на сѐ, видов дека италијанскиот фудбал е многу по технички, но јас сум агресивен играч кој може да се прилагоди, а настапите за репрезентацијата ми помогнаа да созреам и мислам дека можам брзо да се прилагодам“, рече Николов.