Неверојатно: Аматерски тим од Англија во составот има девет ѕвезди од Премиер лигата!

Тимот Вајтеншо ветс стана вистинска атракција во англиските аматерски лиги, откако дури девет поранешни премиерлигашки ѕвезди се обединија и повторно заиграа фудбал – овој пат од чиста љубов кон играта.

Главната ѕвезда на тимот, Папис Сисе, поранешниот напаѓач на Њукасл Јунајтед, викендов блесна во убедливата победа Јужен Ливерпул (11-0). Иако во почетокот промаши пенал, 40-годишниот Сенегалец се „разбуди“ во второто полувреме и постигна дури шест погодоци, носејќи им лесна победа на ветераните.

Покрај него, дел од екипата се и познатите Емил Хески, Џорџ Бојд, Стивен Ајрланд, Недум Оноха, Дени Дринквотер, Мејнор Фигероа, Џолеон Лескот и Умар Нијасе. Овие фудбалери заедно зад себе имаат импресивни бројки и тоа 1.801 настап во Премиер лигата, 222 постигнати гола и повеќе од 300 настапи за националните селекции.

Иако денес настапуваат во рамките на т.н. „Неделна лига“ – натпревари кои често се играат на локални терени и со опуштена атмосфера – нивното искуство, кондиција и чувство за игра сè уште прават огромна разлика на теренот.