Неверојатен пресврт: Аморим од раб на отказ до - тренер на месецот!

Португалскиот стратег Рубен Аморим беше еден од најкритикуваните од почетокот на сезоната во Премиер лигата, но тој успеа да направи целосен пресврт во октомври и поради тоа ја доби наградата за - тренер на месецот.

Манчестер јунајтед во октомври одигра три меча и запиша три победи, а тоа беше првпат на „црвените ѓаволи“ да запишат три победи во лигата од февруари 2024 година.

Аморим и неговите избраници беа подобри од Сандерленд (2-0), Ливерпул (2-1) и Брајтон (4-2), по што му припадна наградата за најдобар тренер во октомври.

Награда доби уште еден член на „ѓаволите“, а тоа е Брајан Мбеумо кој беше одличен во сите три дуели на премиерлигашот.

Јунајтед по 10 одиграни кола се наоѓа на осмата позиција во Премиер лигата со 17 освоени бодови, односно два помалку од второпласираниот Манчестер сити и осум помалку од лидерот Арсенал.