Несторовски: Знам дека ветив десет гола, останува целта да ја остварам идната сезона!

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски, кој минатото лето дојде во Удинезе, најави многу подобар голгетерски ефект и двоцифрен број на погодоци, откако не успеа да ја оствари зацртаната цел од десет голови во црно-белиот дрес во својата прва сезона во новиот клуб.

Несторовски на две кола до крајот на Серија А има само три гола, од кои два даде во рестартот на сезоната после пандемијата со коронавирус, погодувајќи против Рома и старо-новиот првак Јувентус.

„Јас ветив десет гола на стартот на сезоната, но не го знаев добро тимот и ми требаше време за да се пронајдам. Со тек на времето напредував и сега се надевам дека во идната сезона ќе стигнам до двоцифрен број на голови“, вели Несторовски.

Тоа што даде голови во победата против Рома и Јувентус е најава за многу подобра сезона и за него и за Удинезе.

„Ние знаеме дека сме силен тим и дека можеме да играме со секого. Победивме со Рома, победивме со Јувентус и тоа е доказ дека сме голем тим кој може да освојува бодови. Со доаѓањето на господинот Готи многу напредувавме и како тим и индивидувално. Пред кризата немавме среќа, но секогаш бевме со главите горе и размислувавме позитивно, верувајќи во нашите способности и дека ќе напредуваме“, додава Несторовски.