Несторовски се враќа во Палермо?

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, на кого му завршува договорот со Удинезе по четири години во црно-белиот дрес можно е да се врати во Палермо, најави „Џорнале ди Сицилија“.

Сицилијанската гордост пред четири години банкротираше по што Несторовски кој беше капитен во тоа време мораше да си замине и бесплатно отиде во Удине, но сега е можно да се врати зашто на „Ренцо Барбера“ веќе почнале да ги прават плановите за новата сезона со амбиција овој некогашен калчо-гигант да се врати во Серија А.

Несторовски во Палермо дојде од Интер Запрешиќ за пола милион евра во 2016 година и за три години стана миленик на навивачите и еден од најдобрите центарфори во историјата на клубот, па нема да има проблем за прилагодување на старата средина, а со искуството на Сицилија веруваат дека може да им донесе многу во атакот за пласман во Серија А во идната сезона.

Палермо во оваа сезона во Серија Б заврши како девети и за малку им избега плејофот за пласман во италијанската елита.