Несторовски има истегнување на листот – неизвесно е колку ќе паузира

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски има истегнување на листот на ногата, повреда која ја заработи на последниот меч од регуларната сезона во Серија Б против Читадела (2-2), на кој даде гол, асистираше и потоа во 40-та минута мораше да излезе.

Несторовски поради проблем со мускулот на потколеницата во актуелната сезона мораше да паузира цели два месеци, а сега повторно има проблеми со мускулот, но Палермо освен за видот на повреда не објавува колкава ќе биде паузата на македонскиот центарфор и најдобар стрелец на сицилијанскиот клуб.

„Несторовски има истегнување на листот, а неговата состојба ќе биде следена внимателно во следните денови“, стои во образложението од Сицилија.

Најверојатно Несторовски ќе има подетални прегледи веќе денеска по што ќе се знае должината на рехабилитацијата и дали ќе биде во состојба да го игра плејофот за пласман во Серија А или ќе го пресконкне истиот. Колкава ќе биде паузата многу зависи и за македонската фудбалска репрезентација, која во јуни игра два исклучително важни мечеви во евроквалификациите со Полска и Австрија во Скопје.

Селекторот Игор Ангеловски веќе загуби тројца фудбалери за овој циклус, Стефан Спировски, Егзијан Алиоски и Иван Тричковски. Ако отпадне и Несторовски, тоа би било четврто откажување, а „виси“ Аријан Адеми кој не игра во завршницата од сезоната, како и Дарко Велковски кој имаше нова повреда, но на последниот меч за Риека со Динамо беше на клупата за резерви.