Неславен крај на Мурињо - му избега и Лигата на шампиони

Реал Мадрид очекува од Жозе Мурињо да го среди хаосот во клубот и да му донесе трофеи, а португалскиот стручњак остана и без пласман во Лигата на шампионите со Бенфика.

Истото му се случи и лани со Фенербахче што доволно зборува за падот во кариерата на човекот што сам себе си даде прекар „Специјален“. Интересно е тоа што Бенфика ја заврши сезоната без пораз во португалското првенство, но имаше дури 11 нерешени резултати што на крајот ѝ овозможи само пласман во Лигата Европа.

Синоќа се одигра последното коло од шампионатот на Португалија, Бенфика славеше на гостувањето кај Есторил со 3-1, но не доби услуга од Жил Висенте бидејќи Спортинг го победи овој тим со 3-0. Така, Порто и Спортинг обезбедија пласман во Лигата на шампионите, а Мурињо не успеа да ја однесе Бенфика иако клубот од Лисабон претходните пет сезони беше редовен учесник во елитното натпреварување. Два пати стигна и до четвртфиналето (во 2022 и 2023 година), еднаш играше осминафинале, а последната сезона, под водство на Мурињо, беше елиминиран од Реал во баражот.

Синоќешниот меч беше последен на Мурињо на клупата на Бенфика и се очекува идната недела тој да биде претставен како нов тренер на Реал Мадрид.