Нема ништо шампионско во овој Реал: Алавес си освои три бода во Мадрид (ВИДЕО)

Реал Мадрид е во сериозно лоша форма, а тоа уште еднаш се потврди вечерва на дуелот со Алавес на кој гостите славеа победа од 2-1. 

Слободно може да се каже дека „кралевите“ сами се победија, но во нападот не направија премногу за да извлечат поволен резултат. Првиот гол гостите го постигнаа од пенал преку Лукас Перез уште во 5.минута, откако Начо Фернандез играше со рака во сопствениот шеснаесетник.

На стартот на вториот дел, поточно во 49.минута, Тибо Куртоа му подари гол на Алавес со едно лошо додавање, па Хоселу го искористи тоа да зголеми на 0-2. Актуелниот шпански шампион го ублажи поразот преку Касемиро во 86-тата минута.

Освен поразот, уште една лоша вест за мадриѓани е фактот што Еден Азар заработи нова повреда и го напушти натпреварот уште во првото полувреме.

По десет одиграни кола Реал Мадрид има 17 бодови, доволно само за четвртото место, додека Алавез е деветти со 13 бодови.