Нејмар: Доста за трансфери, ми здодеа веќе, сите знаете зошто дојдов во ПСЖ!

Иако не игра од февруари, Нејмар синоќа ја доби наградата за најдобар фудбалер во Лига 1 за сезонава која заврши. Во таа пригода го прашаа за неговата иднина, а тој загонетно сакаше да ги смири шпекулациите за негово заминување од ПСЖ.

Нејмар беше поврзуван со трансфер во Реал, се зборуваше за враќање во Барселона, па дури и за спојување со Жозе Мурињо во Манчестер јунајтед. Тој се обиде да ги тргне шпекулациите.

„Реал Мадрид или Манчестер јунајтед? Сите знаат зошто дојдов во ПСЖ и што сакам да постигнам. Луѓето ги знаат целите кои ги имам, а сега моја цел е Светското првенство. Сега не е време да зборуваме за трансфери, ми здодеа тоа“, вели Нејмар.

Ако треба да се враќаме назад, главниот мотив за неговото доаѓање во ПСЖ беше желбата за освојување на Златната топка, незасенет од Лионел Меси. Сепак, некако овие зборови не уверуваат дека муабетите за трансфер ќе завршат.

Тој во февруари го повреди зглобот на едната нога, на првиот осминафинален натпревар од ЛШ, против Реал Мадрид, па итно беше опериран за да може да заздарви до почетокот на СП.