Недвед раскажува како Јувентус го купи Роналдо

Поранешниот фудбалер на Јувентус, Павел Недвед сега е еден од главните луѓе кога се работи за трансфери во клубот. Тој за чешките медиуми накратко раскажа како се родила идејата за трансферот на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид. 

По завршувањето на минатата сезона малкумина очекуваа шокантен трансфер на Роналдо од Реал Мадрид во редовите на Јувентус. Се споменуваа ПСЖ и Манчестер јунајтед, но не и италијанскиот шампион.

„Целата идеја започна во главата на нашиот спортски директор, Фабио Паратичи. Бевме во мојот дом, кога ми ја предложи идејата и на нашиот претседател Ањели. Навистина ни се допадна идејата, бевме возбудени и знаевме дека ја правиме вистинската работа. Кога слушнавме за неговата откупна клаузула се обидовме да го направиме трансферот. Воопшто не беше лудо“, вели Недвед.

Чехот верува дека со доаѓањето на Роналдо во Јувентус, тимот сериозно ги зголеми своите шанси за освојување на Лигата на шампиони, што е примарна цел за оваа сезона.

„Роналдо беше неопходен трансфер за да направиме чекор напред по седумте титули во Серија А по ред и сега ќе се обидеме да ја освоиме Лигата на шампиони“, додава Недвед.