Навивачите на Челси и Стразбур заедно протестираа против сопствениците!

Челси и францускиот клуб Стразбур се водени од ист сопственик, групацијата „БлуКо“ (BlueCo). Синоќа навивачите на овие два клуба се здружија на заеднички протест во Лондон за да го искажат незадоволството против газдите.

Стотици навивачи на Челзи и Стразбур маршираа заедно кон Стемфорд Бриџ во саботата во уникатен прекуграничен протест. Маршот, кој започна од пабот Волфпак Ин кон стадионот, беше предизвикан од растечкото незадоволство од групацијата БлуКо, предводена од Тод Боели и Бехдад Егбали, која управува со двата клуба.

Протестот беше обележан со сини сигнали од чад, ракети и транспаренти со пораки на фрустрација од насоката во која се движат клубовите. Навивачите од Франција отпатуваа во Лондон за да го изразат својот револт, велејќи дека сметаат дека по преземањето од страна на новите сопственици Стразбур е сведен на улогата на резервен тим или клуб за развој на фудбалери.

„Со овој протестен марш, заедно со навивачите на РК Стразбур, испраќаме една иста порака: БлуКо аут. Во четирите сезони откако БлуКо е на чело на овој некогаш голем клуб, бевме сведоци на уништување на менталитетот и вредностите што го направија успешен на највисоко ниво. Не станува збор за чувство на право, туку за стандарди. БлуКо постојано се докажуваше како недостоен чувар на клубот преку неговото катастрофално управување, правејќи ја неговата иднина исклучително неизвесна“, изјави организаторот на протестот, Дејвид Кук за Мирор.

„Нашата цел е да го привлечеме медиумското внимание што ќе стигне до инвеститорите на Клирлејк и да им покажеме како овој таканаречен проект не успева и на теренот и надвор од него. Стразбур има ист проблем со сопственост како нас и се бори да го врати сопствениот идентитет. Веруваме дека ова би можел да биде пресвртница во фудбалската историја, со навивачи од две различни земји кои маршираат заедно за да водат промени“, додаде Кук.