Во Премиер лигата денеска се игра натпреварот на сезоната
„Топџиите“ во ова дерби влегуваат како лидери на табелата, со шест бодови предност во однос на Сити, но и со одигран натпревар повеќе. Во случај на пораз, тимот на Микел Артета би останал прв, но „граѓаните“ би биле во многу подобра позиција во трката за титулата.
Предноста на Арсенал полека се топеше, но поголемиот проблем за Артета се повредите, притисокот кој расте и играта која станува сè попредвидлива и тешка за гледање. Од друга страна, Сити ја чекаше својата шанса и ја дочека, бидејќи тимот на Пеп Гвардиола не се откажа од трката во ниту еден момент.
За Арсенал позитивно во овој дуел е и реми, додека Сити би морал да победи затоа што во случај на ист број на бодови избраниците на Артета имаат подобра гол разлика.
Арсенал по денешниот натпревар, игра дома со Њукасл и Фулам, потоа оди на гости кај Вест хем, го пречекува Барнли и сезоната ја завршува на гостување кај Кристал палас. Покрај тоа, ги очекува и полуфинале во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.
Сити, пак, го пречекува Арсенал, потоа гостува кај Барнли и Евертон, па игра дома со Брентфорд и оди на гости кај Борнмут. Во последното коло „граѓаните“ го пречекуваат Астон Вила, а паралелно ги очекува и полуфинале во ФА Купот против Саутемптон.
Натпреварот денеска се игра во терминот од 17:30 часот.
Фото: ЕPA