Наполи има обезбедено замена за Милик уште на 31 август!

Аркадијуш Милик доживеа уште една тешка повреда на коленото, па како и минатата сезона ќе паузира до јануари и Наполи веќе има сериозен проблем.

Италијанските медиуми веќе почнаа со лицитирањето околу ново засилување, иако немаа преголеми причини за тоа, со оглед на тоа дека Наполитанците ангажираа напаѓач уште на 31 август, во самиот финиш од трансфер периодот, кога талентираниот Роберто Инглезе беше купен за 10 милиони евра од Киево, но остана таму на позајмица. Според првичниот договор, Инглезе требаше да остане во Киево до крајот на оваа сезона, но Наполитанците во јануари ќе ја прекинат и ќе го повлечат во своите редови.

Инглезе во редовите на Киево сезонава постигна три гола на седум натпревари, а Милик на пет настапи два пати ги тресеше противничките мрежи. Полјакот беше успешно опериран и сега сигурно ќе мора да паузира до јануари, но при ваквите повреди никогаш не може точно да се предвиди до кога играчот ќе ја постигне оптималната форма.