Наполи ја истресе Аталанта и се врати на чело на табелата (ВИДЕО)
Во последниот меч од денешната програма во италијанското првенство, Наполи без поголеми проблеми ја победи Аталанта со 3-1, пред се благодарение на фантастичното прво полувреме. Сите три гола домаќинот на овој меч ги постигна во воведните 45 минути, два пати погоди Давид Нерес, а еднаш Ланг, па по првото полувреме веќе беше познато кој ќе ги однесе бодовите.
Во продолжение Аталанта заигра многу подобро, намали преку Скамака во 52. минута и имаше уште неколку шанси, но не успеа да го направи финишот неизвесен. Така и новиот тренер на тимот Рафаеле Паладино забележа пораз на своето деби на клупата. Елиф Елмас влезе во игра во 69. минута, но немаше голем придонес во играта на својот тим.
Наполи сега има 25 бода, еден повеќе од Интер, Рома и Болоња со тоа што првите две екипи утре ги играат своите натпревари од 12. коло. Интер е домаќин на градското дерби со Милан, а Рома гостува кај незгодниот Кремонезе.