„Најголем виновник за заминувањето на Меси е бившата управа и – криминалното работење“

Првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта кој попладнево ги образложи деталите зошто пропадна веќе договорената нова соработка за Лионел Меси да остане во Барселона, ја обвини бившата управа како најголем виновник за сѐ што се случи со најдобриот фудбалер во историјата на клубот.

Според Лапорта, криминалното работење на поранешната управа предводена од Жозеп Марија Бартомеу е единствен главен виновник за ситуацијата и фактот дека Барселона ќе мора да започне нова ера без извонредниот Аргентинец.

„Единствени виновници за ова се луѓето што пред нас ја водеа Барселона. Тие носеа криминални одлуки и криминално работеа. Ни требаа неколку месеци за да ја сфатиме финансиската катастрофа и размерите од неа, а таа за два дена не може да се поправи и промени. Постојано наоѓаме нови проблеми во финансиските извештаи и нови дупки во буџетот. Некои одлуки што ги носеле е многу тешко да се разберат. Ние предвидувавме загуба од 200 милиони евра, испадна дека е – 487 милиони евра“, рече Лапорта.

Тој посочил дека го повикал Меси да дојде на денешната прес-конференција, но Аргентинецот одбил, а голема тага има во соблекувалната на клубот.

„Јас на Меси му предложив да дојде со мене на оваа прес-конференција, но одби и јасно ми е тоа, зашто е многу разочаран. Сакаше да остане во Барса. Во соблекувалната е голема тага, уште утринава разговарав со постарите фудбалери и им ја објаснив ситуацијата, дека ќе мора да продолжиме да победуваме без Лео. Нормално е во соблекувалната да владее тага зашто Лео нема повеќе да биде тука, но јасно им е дека ова е нова ера и дека се професионалци и ќе мора да продолжат без Меси“, додаде Лапорта.