Пет фудбалери на Наполи одат на трансфер-листа, Елмас останува без 375.000 евра?!

Во Наполи ситуацијата е драматична, бидејќи фудбалерите отворено се бунтуваат против претседателот Аурелио де Лаурентис.

Откако не го послушаа за тотален тимски карантин по дуелот со Салцбург во Лигата на шампиони, постои сериозна војна помеѓу играчите и претседателот на клубот. Де Лаурентис ги замрзнал платите на фудбалерите за месец октомври и сака да ги казни сите со 25 отсто од нивните примања до крајот на сезоната.

Ова значи дека македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој изминатото лето пристигна во Неапол, може да остане без голем дел од платата. Тој има примања од 1,5 милион евра годишно, што значи дека ќе му бидат скратени 375 илјади евра. 

Фудбалерите сега бараат правни совети што да прават во ваква ситуација и може да го тужат клубот. Де Лаурентис е решен да се ослободи од фудбалерите кои се водачи на бунтот, а тоа се капитенот Лоренцо Инсиње, Калиду Кулибали, Алан, Дрис Мертенс и Хозе Калјехон.

Инсиње, Кулибали и Алан ќе бидат ставени на трансфер листа или во јануари или во јуни идната година, додека Мертенс и Калјехон ќе бидат слободни фудбалери идното лето, а клубот нема да им понуди нови договори.