Мурињо ја посрамоти Барса, Каталонците размислуваат за – тужба!

Челниците на Барселона најавија тужба против италијанскиот прволигаш Рома, поради откажување на одамна договорениот пријателски меч, кој на 6 август требаше да се одигра на „Камп Ноу“ во склоп на т.н. „Гампер куп“ со кој каталонскиот гигант традиционално ја почнува новата сезона.

Римјани неочекувано се повлекоа од овој „дил“, објаснувајќи го тоа со „потреба за менување на планот за летните пријателски мечеви за да се влезе во новата сезона со максимална подготвеност“, што предизвика бес кај Каталонците.

„Рома еднострано и без причина реши да се повлече од договорениот меч за трофејот 'Жоан Гампер' на 6 август. Клубот работи на пронаоѓање на нови противници, а легалниот тим на клубот ја разгледува можноста за барање на отштета за Барселона и навивачите поради оваа неоправдана одлука“, се вели во објавата на шпанскиот гигант.

Тренер на Рома е Жозе Мурињо, кој во минатото го предводеше Реал Мадрид, најголемиот ривал на Барса, каде што исто така работеше на почетокот од кариерата како помошник, што, секако, не би требало да е причина за ваквиот непопуларен потег на калчолигашот. Но, од Португалецот секогаш може да се очекуваат најразлични работи, па и вака непопуларни.