Модриќ има соодветен наследник, игра во Сосиедад

Реал Мадрид синоќа славеше на гостувањето кај Сосиедад со 2-0, но вниманието го привлече играчот од средниот ред на баскискиот тим Лука Сучиќ.

Летоска тој дојде од Салцбург за 10 милиони евра и против Реал беше најдобар играч во својот тим. Толку добар што мадридските медиуми буквално полудеа по него и го назначија за легитимен наследник на неговиот славен сонародник Лука Модриќ.

„На Модриќ времето полека му истекува и тој е блиску до пензија. Плејмејкерот на Реал одлучи да игра уште една сезона и покрај тоа што има 39 години, но се чини дека Хрватска веќе најде негов наследник. Тоа е Лука Сучиќ, играчот на Сосиедад“, пишуваат Шпанците.

Сучиќ има 22 години, роден е во Австрија и никогаш во кариерата не играл во Хрватска. Почна во Лиферинг, во 2020 година се пресели во Салцбург, а од оваа сезона е член на Сосиедад. За хрватската репрезентација одигра 12 натпревари, но не одигра ниедна минута на неодамнешното Европско првенство во Германија.