
Милан со рекордна победа се враќа од Удине (ВИДЕО)
Тоа е најубедлив триумф на „росонерите“ надвор од својот стадион оваа сезона и највисок во последните две години бидејќи последната победа со 4-0 на гости ја оствари против Наполи на 2 април 2023 година. Милан не беше толку доминантен колку што кажува конечниот резултат, но ги искористи своите шанси и заслужено триумфираше.
Клучен беше периодот во финишот од првото полувреме во кое Леао и Павловиќ ја тресеа противничката мрежа и му донесоа предност од 2-0 на Милан. Во вториот дел Ернандес и Рејндерс го докусурија домаќинот, а натпреварот остана во сенка на судирот на гостинските фудбалери Мењан и Хименез по што францускиот голман беше изнесен на носилки.
Победата не му донесе на Милан прогрес на табелата бидејќи остана на деветтата позиција со шест бода помалку од четвртипласираната Болоња, на шест кола пред крајот на првенството. Удинезе е безбеден на 11. место, без шанси да се вмеша во борбата за врвот, но и без опасност да испадне.