Милан пред една година имал подобра понуда за Роналдо, ама...

Најпопуларниот светски фудбалер Кристијано Роналдо летово ги стресе Апенините по доаѓањето од Реал Мадрид за џиновски трансфер од 117 милиони евра, но историјата можеби ќе била поинаква ако пред една година, „кралевите“ и самиот Роналдо прифателе друга и многу побогата понуда од друг италијански клуб.

Верувале или не, ама Милан имал сериозен проект за да се врати на патот кон славата откако Силвио Берлускони го продаде клубот. И во тој проект влегувал ангажманот на Роналдо. Планот на тогашниот нов газда Ли Јунгсонг бил да го ангажира португалскиот ас, што буквално од преку ноќ, ќе го направел Милан кандидат за „скудетото“.

Кинескиот бизнисмен понудил 150 милиони евра за Роналдо, 30-на повеќе од тоа што Јувентус плати за Португалецот, а на светската суперѕвезда му била понуден петгодишен договор со наводно истите услови, кои сега ги има во таборот на „старата дама“. Проектот на Ли бил да осигура многу поголеми спонзорски и ТВ-договори на Милан за пет години, со што практично „росонерите“ ќе направеле силен маркетинг потег и би ги зголемиле приходите, а со тоа и Роналдо би бил исплалива капитална инвестиција, кој би донел и финансиски бенефит со самото тоа што Милан би го однел во ЛШ (најмалку 40-на милиони евра годишна заработка од УЕФА).

Но, сето тоа пропаднало, затоа што Роналдо, иако незадоволен од третманот во Шпанија и во Мадрид, решил да остане уште една сезона на „Сантјаго Бернабеу“ и да проба да ја напише историјата со хет-трик трофеи во ЛШ. Откако во Мај стигна до својата петта европска круна, Роналдо уште по финалето најави заминување во Реал, а еден месец подоцна и го официјализираше тој трансфер.

Откако дојде на Апенините, Роналдо за првпат во кариерата има повеќе асистенции (четири) од постигнати голови (три) во седум меча досега за „старата дама“.