Мбапе ќе потпише нов договор со ПСЖ, па идното лето ќе го урне рекордот на Нејмар?

Првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез веќе подолго време е опседнат на „Сантјаго Бернабеу“ да го донесе најдобриот светски младинец Килијан Мбапе од Пари Сен Жермен и според многу најави тоа ќе се реализира идното лето.

Перез неодамна објави дека трансфер на Мбапе е нереален моментно во ек на глобалната пандемија со коронавирус, па целата операција е одложена за идното лето, само што сега сето тоа е добро скоцкано во режија на главниот човек на „кралевите“.

Мбапе не крие дека сака да игра во Реал Мадрид, но за разлика од првиот обид да притиска со неприфаќање на нов договор за да го принуди ПСЖ идното лето да го продаде и да не го загуби бесплатно (му истекува договорот во јуни 2022), сега Перез смислил друга игра во која – сите ќе бидат задоволни. Перез наводно, пишува „АС“, не сака да ги расипе добрите односи со Насер Ал Келаифи и државата Катар, со кои соработува и во други сектори, а не само во фудбалот.

Планот на Перез е Мбапе да потпише нов договор со ПСЖ со кој ќе стане најплатен фудбалер со 45 милиони евра годишно (без бонуси и други премии), ама да се стави и клаузула дека ако дојде понуда од Реал Мадрид, да биде продаден за 223 милиони евра. Тоа би било еден милион повеќе од светски рекордниот трансфер на Нејмар во летото 2017 година од Барселона.

Така Реал Мадрид ќе добие шанса идното лето да плати голема сума на пари и повторно да биде клубот кој го држи светски рекордниот трансфер, како што беше случај со Луис Фиго, Зинедин Зидан, Кристијано Роналдо, Герет Бејл.

Единствено само продлабочувањето на кризата со кроонавирусот како ефект врз економијата би можела да спречи ваков трансфер во јули идната година и да го одложи тоа за една година подоцна во јули 2022 година.