
Мбапе и Ѓулер не ја побарале десетката на Модриќ, неа ја сака неговиот „фудбалски син“
Шпанскиот портал „Дефенса Централ“ го отвори прашањето за десетката на Модриќ.
„Во клуб како Реал Мадрид речиси секој број има сопствена приказна и наследува фудбалски великан. Меѓу нив е и бројот 10 кој наскоро останува слободен. Лука Модриќ наскоро ќе ја напушти соблекувалната на Бернабеу, тоа ќе се случи по настапот на Светското клупско првенство. Досега не е донесена одлука кој ќе го земе престижниот број иако јасно е дека постојат неколку кандидати. Двајцата кои најчесто се споменуваат се Килијан Мбапе и Арда Ѓулер, официјално не ја побарале десетката“, се вели во дел од текстот на порталот.
Ѓулер кој се повеќе се позиционира како наследник на Модриќ на средината на теренот, уште официјално не ја побарал десетката. Турскиот репрезентативец ја презема улогата на креативец во средниот ред, а многу во Мадрид во него ја гледаат иднината на клубот. Мбапе кој во Реал би го носел истиот број како во репрезентацијата исто така службено не го побарал, иако најмногу се прогнозира дека тој ќе ја добие десетката.
Но, во меѓувреме се појави нов, можеби неочекуван кандидат, а тоа е Родриго.
„Бразилскиот напаѓач наводно веќе му се обратил на клубот со барање да го преземе бројот на Модриќ. Неговата врска со Модриќ е посебна, често ги опишуваат како „татко и син“, а самите играчи повеќепати ја истакнувале меѓусебната почит. Родриго притоа истакнува дека ја носи десетката во репрезентацијата на Бразил, па го сака истиот број и во клубот“, пишува порталот кој ги прати случувањата во Реал.
Родриго повеќепати истакнал колку му помага Модриќ, како на теренот така и надвор од него, му дава совети и го води со своето искуство. Модриќ во Реал Мадрид е уште од 2012 година, додека Родриго на клубот му се приклучи во 2019 по трансферот од Сантос вреден 45 милиони евра.
Веќе подолго време е познато дека бразилскиот фудбалер го вика Модриќ „татко“ поради многу блискиот однос кој го имаат развиено низ годините во Реал.
Но и покрај овие пишувања на шпанскиот портал, треба да се потенцира дека иднината на Родриго во Реал Мадрид се уште не е загарантирана, реални се шансите тој да го напушти Бернабеу ова лето и да направи трансфер. За разлика од него, Мбапе и Ѓулер сигурно остануваат.