Мбапе е најдобар дебитант во историјата на Реал

Можеби 2025 година ќе ја заврши без трофеј, но Килијан Мбапе покажа дека е еден од најдобрите голгетери на денешнината.

Минатото лето тој го напушти ПСЖ и се пресели во Реал, а очигледно адаптацијата во новиот клуб не му траеше многу долго. На три кола пред крајот на сезоната, тој е веќе најдобар дебитант во историјата на мадридскиот клуб и може само дополнително да го подобри својот рекорд.

Со хет-трикот против Барселона, Мбапе стигна до бројката од 38 гола во сите натпреварувања оваа сезона, надминувајќи го досегашниот рекордер Иван Заморано чие достигнување траеше 32 години. Во 1993 година, тој ја заврши сезоната со 37 гола, а зад него потоа останаа Руд ван Нистелрој и Кристијано Роналдо со по 33.

Во последните три меча Мбапе ќе се обиде да стане прв дебитант што ја минал границата од 40 гола во сите натпреварувања, но во исто време се бори за индивидуалните трофеи, најдобар стрелец во шпанското првенство и Златната копачка на Европа. Во Ла Лига му избега два гола на Левандовски, додека во трката за Златната копачка ги брка Салах и Ѓекереш.