Марка се чуди на ситуацијата со Столе: Парадоксот на Димитриевски во Валенсија

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски има една од најчудните приказни во шпанскиот фудбал оваа сезона.

По блескавите настапи во Рајо Ваљекано претходните години, летоска направи трансфер во Валенсија и се очекуваше да биде прв голман, на местото на Ѓорги Мамардашвили. Сепак, дојде до неверојатен пресврт откако Грузиецот потпиша со Ливерпул, но се врати на едногодишна позајмица на Местаља. Со оглед на неговиот стаж во клубот, но и моменталниот квалитет, Мамардашвили е прв голман, а Димитриевски се уште го чека дебито на официјален натпревар. Неговата ситуација е чудна за сите во Шпанија, па на тоа се осврна и најтиражниот спортски весник во земјата Марка во текстот под наслов „Парадоксот на Димитриевски во Валенсија“.

„Димитриевски беше прво засилување за Валенсија во текот на летото, постојано бранеше во текот на подготовките и се одеше во најдобар ред за него се до моментот кога беше одлучено Мамардашвили да дојде на едногодишна позајмица од Ливерпул. Оттогаш Столе има нула минути и уште чека на своето деби. Најголемото летно засилување седи на клупата и најверојатно ќе му биде дадена шанса во меч од Купот против некој нисколигаш. Ситуацијата за него не е лесна бидејќи пред да потпише беше слободен играч и имаше понуди и од други клубови од Шпанија и Европа, но ја избра Валенсија затоа што очекуваше да биде прв голман и да го покаже својот квалитет“, пишува Марка.

Додека чека шанса во Валенсија, Димитриевски секако е прв голман во македонската репрезентација и единствените четири официјални натпревари сезонава ги одигра во националниот тим, во рамките на Лигата на нации.