Центар доби уште 1,5 милиони евра за обнова на „Градски парк“ - ќе почне ли конечно да се гради!

Екипата на Работнички наскоро би требало да се врати во модернизираниот „Градски парк“, откако општина Центар доби 1,5 милиони евра од Владата со овој проект на огласот за помош на општините за реализација на инфраструктурни проекти.

Ова денеска го потврди министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

„Општина Центар доби 90 милиони денари за реконструкција на спортската сала ‘Работнички‘“, изјави Перински.

Ова е втора значителна финансиска инјекција што „центарци“ ја добиваат за обнова на „Храмот на кошарката“ во последните десет месеци. Кон крајот на минатата година, од државниот буџет преку тогашната Агенција за млади и спорт (АМС), на Центар ѝ беа префрлени 500.000 евра за истата намена – реконструкција на „Градски парк“.

„Владата на денешната седницa донесе и Одлука за прераспределба на средства од Буџетот, конкретно од АМС кон општина Центар. Станува збор за 30 милиони денари, наменети за реконструкција на спортска сала ‘Работнички’. Задолжена е АМС средствата да ги префрли на посебна наменска сметка на Општина Центар. Согласно владината одлука, прераспределените средства се исклучиво за намената за којашто се доделени“, гласеше тогаш одлуката на Владата.

Салата „Градски парк“ е направена 1970 година, како привремен монтажен објект за потребите на Светското првенство, кое таа година се одигра во Љубљана. Првите натпревари ги одиграа репрезентациите во т.н. утешна група на овој Мундобаскет, кој заврши со триумф на тогашна СФР Југославија. Салата долго време беше бастион на најдобриот македонски кошаркарски колектив во време поранешната заедничка држава, во кој паѓале многу големи екипи. Сега, 55 години подоцна, оваа сала е сѐ освен „храм на кошарката“, со ужасни услови дури и за оние најмалите кошаркари, без соодветни хигиенски услови и со кров што прокиснува на секој посилен дожд.

Неколкумина од градоначалниците на Центар во изминатава деценија најавуваа изградба на нова сала на местото на сегашната, дури имаше одбран и идеен проект во времето на Андреј Жерновски, но сето тоа остана само на празни ветувања, па Работнички веќе неколку години наназад игра како кираџија во СРЦ „Кале“.