Манчестер ј. откажа пријателски натпревар со Стоук на неколку минути пред почетокот

Манчестер јунајтед вчера требаше да одигра пријателски натпревар со Стоук во „Карингтон“ (тренинг-центарот на клубот) како подготовка за рестарт на сезоната во Премиерлигата.

„Црвените ѓаволи“ сепак не го одиграа натпреварот, бидејќи го откажаа само неколку минути пред почетокот. Стоук беше веќе пристигнат во „Карингтон“, но фудбал не се играше.

Причина за откажување на натпреварот е фактот што менаџерот на тимот од Чемпионшип дивизијата, Мајкл Онил бил позитивен на Ковид-19. Менаџерот во понеделникот бил тестиран по шести пат, а неговиот резултат дека е позитивен пристигнал кога Стоук дошол во Манчестер.

Добра вест е што тимот на Стоук се подготвувал во друг дел од „Карингтон“, а менаџерот требало да пристигне посебно, па не бил во контакт со никого од клубот. Онил сега ќе оди во изолација на одреден период и повторно ќе биде тестиран.