Ливерпул го донесе Екитике, надмина 300 милиони евра, но не планира да застане

Долги години Ливерпул ги критикуваше ривалите во Премиер лигата дека енормно трошат пари на фудбалери и дека не може да се „носи“ со нив, за летово да почне да го прави токму тоа што го правеа тие.

Синоќа беше официјализиран трансферот на Уго Екитике од Ајнтрахт за кого клубот ќе плати 82,5 милиони евра фиксно и уште 12,5 милиони преку бонуси со што првпат во историјата се надминати 300 милиони евра за трансфери. Најчудното е што тука не е крајот на желбите на Арне Слот и менаџментот на Ливерпул. (По)следна желба е шведскиот репрезентативец Александер Исак со што „црвените“ би сакале да формираат ново напаѓачко дуо.

Очигледно доаѓањето на Екитике не ги задоволило апетитите, па ќе се оди до крај, како да нема утре. Ако клубот успее да го донесе и Исак, сметката за ова лето ќе надмине 450 милиони евра затоа што Ливерпул е подготвен за него да понуди 140 милиони. Њукасл бара 180 милиони, но не е исклучено да ја прифати понудата од Енфилд затоа што напаѓачот влезе во војна со клубот, една недела тренира индивидуално и со сите сили бара да излезе оттаму, макар отишол и во Саудиска Арабија.