Кристенсен и Кеси само што дојдоа во Барса, а веќе може да си заминат слободно?!

Две од петте засилувања на шпанска Барселона кои дојдоа летово и тоа бесплатно, Андерс Кристенсен од Челси и Франк Кеси од Милан може и да не заиграат за Барселона на официјалните мечеви, поради проблемите со регистрацијата на засилувањата со кои се соочуваат Каталонците, па како што дојдоа како слободни играчи така и да си заминат.

Една од најпознатите спортски мрежи „ЕСПН“ објави дека постои голема веројатност Кристенсен и Кеси да си одат од Барселона, ако до викендов Каталонците не успеат да ги регистрираат. Оваа информација за „ЕСПН“ ја потврдиле неколку извори.

Двоецот според истите информации има клаузула во договорите со Барса дека може да си заминат без проблем, ако клубот не успее да ги регистрира, а Каталонците имаат три дена до воведниот меч против Рајо Валјекано со Столе Димитриевски на голот.

Никој од засилувањата, а дојдоа уште Роберт Левандовски, Жил Кунде и Рафиња, како и Серхи Роберто и Осман Дембеле, кои потпишаа нови договори не се регистрирани за Барса, поради веќе познатите проблеми со исполнувањето на финансискиот фер-плеј, проблем поради кој лани великанот го загуби Лионел Меси.

Жоан Лапорта, првиот човек на Барселона, е оптимист дека сите фудбалери ќе бидат регистрирани, иако Ла Лига не прифаќа регистрации без да се исполнат главните финансиски услови. Ако не успеат во овие три дена, Каталонците наводно ќе разговараат со менаџерите на фудбалерите да се стрпат за да се заврши сѐ, и да не се преземаат избрзани решенија како раскини на договорите.

И додека клубот мака мачи со регистрација, нови две засилувања се речиси пред портите на „Камп Ноу“, Бернардо Силва од Манчестер сити и Маркос Алонсо од Челси.

Барселона во моментов забрзано работи да се ослободи од вишокот на фудбалери, особено тие на кои Чави Ернандез не смета, а ослободување на стегите за регистрација најмногу зависат и од заминувањето на Френки Де Јонг, со што Барса би го ослободила буџетот, а би пријавила и 80 милиони евра приход од трансфери. Тука сѐ и заминувањата на Мартин Брајтвајт, многу извесно и на Мемфис Депај, но и одлуката за нови договори со помали плати за Жерар Пике, Марк Андре Тер Штеген...