
„Кралевите“ одбија да се предадат - 20-годишник со гол во 95. минута го остави Реал во живот (ВИДЕО)
Реал Мадрид успеа да ја совлада Мајорка со 2-1 на домашен терен и го одложи славјетоо на каталонскиот тим. Победничкиот гол го постигна Јакобо Рамон во петтата минута од судиското продолжение и со него Реал остана со теоретските шанси за освојување на трофејот во Ла Лига.
Рамон доби шанса во стартната постава поради големиот број повредени фудбалери во тимот на Карло Анчелоти и ги воодушеви навивачите. Мајорка имаше водство од 11. минута со голот на Ваљент. Реал доминираше, изврши инвазија врз шеснаесетникот на гостинскиот тим, но дури во 68. минута преку Мбапе успеа да го израмни резултатот. Се чинеше дека нема да има победник и тоа ќе ѝ донесе титула на Барселона, но во самиот финиш од „никаде“ излезе Рамон за да го остави Реал во игра. За доминацијата на домашниот тим најдобро зборува податокот што „кралевите“ упатија 39 шута и изведоа 26 корнери.
Разликата меѓу Барса и Реал сега е четири бода, но каталонскиот тим утре гостува кај Еспањол и со победа ќе стави печат на шампионската титула. Ако тоа не се случи, во текот на викендот Реал гостува кај Севиља, а Барса го пречекува Виљареал.