Конте: Одигравме добро, но чашата на Наполи е полупразна!

Наполи вчера славеше гостинска победа во Фиренца со 3-1, Антонио Конте е задоволен од голем дел од натпреварот, но има и критики за дел од играта, па затоа сака да ја гледа чашата полупразна, односно да мисли на елементите кои треба да се поправат.

Италијанецот особено е критичен за моментите откако го примија голот.

„Покажавме дека сме подготвени. Имавме добар карактер уште од стартот, доминиравме, Де Хеа имаше неколку одлични интервенции, па не е можно да страдаме на крајот“, вели Конте.

„Ќе им кажам на момците што треба да поправат, што ми се допадна, а што не. Примивме гол и потоа почнавме да страдаме. Кога играте толку добро треба да го затворите натпреварот порано“.

„Победивме против навистина силен тим. Но во исто време треба да видиме каде треба да се поправиме. Не сум перфекционист, но преферирам да ја гледам чашата полупразна, па да се фокусирам на работите кои треба да ги поправиме“.