Консеисао разочаран: Ако не сум повеќе потребен, ќе си заминам

Тренерот на Милан, Сержо Консеисао имаше долго излагање по синоќешниот пораз на неговиот тим на гостувањето во Болоња по што „росонерите“ драстично си ги загрозија шансите за пласман во Лигата на шампионите.

Тоа беше втор пораз по ред за Милан, во период од шест дена, а заедно со елиминацијата од ЛШ минатата недела, е уште еден голем неуспех за седумкратниот европски првак. Португалскиот стручњак го почна својот престој во Милано со трофејо во Суперкупот на Италија, но оттогаш работите не одат како што треба, а синоќа делуваше мошне разочарано поради недостигот на поддршка како од клубот, така и од навивачите и медиумите.

„Ако повеќе не сум потребен, ќе си ги соберам работите и ќе си заминам, без да побарам ниедно евро за тоа. Имам околу 100 натпревари во Лигата на шампионите, освоив 13 трофеи во кариерата. Има тренери кои немаат ниеден трофеј, па сепак добиваат огромна поддршка. Навистина не е фер“, рече Консеисао.

Милан во моментов е на осмата позиција на табелата во Серија А со дури осум бода помалку од четвртопласираниот Јувентус, на 12 кола пред крајот на сезоната.