Јувентус почна преговори со замената за Џиџи Буфон

Џанлуиџи Буфон утре на прес-конференција во седиштето на Јувентус и официјално ќе објави крај на својата кариера. Тоа значи дека „Старата дама“ треба да бара нов голман.

Јасно е дека досегашниот втор избор Војчех Счесни ќе биде прв голман, но Полјакот ќе има сериозна конкуренција, бидејќи Јувентус почна преговори со Матија Перин од Џенова.

Голманот, кој има само 24 години важеше за легитимен наследник на Џиџи Буфон во италијанската репрезентација се до појавување на Џиџио Донарума. Тој веќе неколку сезони е стандарден на голот на Џенова и дефинитивно е еден од најталентираните голмани во Серија А, крај Донарума и Консиљи. 

Јувентус ја испрати првата понуда до Џенова во висина од 12 милиони евра, што е речиси двојно помалку од бараната цена. Сепак, италијанските медиуми пишуваат дека втората понуда на Јувентус ќе биде 15 милиони евра и еден играч. Тоа веројатно ќе биде Рикардо Орсолини, кој сезонава игра како позајмен фудбалер во Болоња.

Наводно, Перин веќе ги договорил личните услови со Јувентус и ќе заработува 2,5 милиони евра по сезона.