Јунајтед со „бомба“ ја почна обновата - договорен бразилски мотор од Аталанта!

Манчестер го реализираше првото големо засилување во летниот преоден рок, откако постигна договор за ангажман на бразилскиот репрезентативец Едерсон од Аталанта.

Според најпознатиот експерт за трансфери, Фабрицио Романо, 26-годишниот играч за врска ќе пристигне на „Олд Трафорд“ за отштета од 45 милиони евра, а со англискиот гигант ќе потпише четиригодишен договор. Договорот предвидува Јунајтед веднаш да исплати околу 34 милиони фунти, додека преостанатиот дел ќе биде покриен преку бонуси поврзани со настапите и успесите на клубот. Едерсон официјално ќе му се приклучи на новиот тим во јули, а неговото доаѓање е првиот чекор во најавената реконструкција на средниот ред.

Бразилецот во Аталанта пристигна пред четири години од Салернитана за 23 милиони евра и оттогаш прерасна во еден од клучните играчи на клубот од Бергамо. За италијанскиот тим одигра 180 натпревари, постигна 16 голови и запиша шест асистенции, а зад себе има и три настапи за бразилската репрезентација. Дека неговото заминување е само прашање на време стана јасно уште минатиот месец, кога беше изоставен од стартниот состав за последниот натпревар од сезоната против Фиорентина. Тренерот Рафаеле Паладино тогаш призна дека причината се активните преговори околу трансферот.

Едерсон не е последното засилување на „црвените ѓаволи“. Според информациите од Англија, клубот веќе работи на ангажман на уште еден играч за врска, напаѓач, бекови и дополнителна конкуренција на голманската позиција. Во исто време, од „Олд Трафорд“ се очекува да заминат Касемиро и Мануел Угарте, што дополнително ќе отвори простор за нови промени во тимот.