Јунајтед ја спаси сезоната - трофејот од ФА Купот по осум години се врати на Олд Трафорд (ВИДЕО)

По 13. пат во својата историја, екипата на Манчестер Јунајтед е освојувач на ФА Купот откако попладнево го совлада својот градски ривал Сити со 2-1.

Тоа е прв трофеј за „ѓаволите“ во ова натпреварување по пауза од осум години, но со него си ја спасија турбулентната сезона која ја завршија на осмата позиција во домашното првенство. Освен тоа, си обезбедија пласман во Лигата Европа што барем делумно би ги задоволило навивачите за кои пред нешто повеќе од една деценија, пехар од ФА Купот беше слаба утеха.

Херои на Јунајтед на денешниот натпревар беа тинејџерите Алехандро Гарначо и Коби Мејно. Двајцата постигнаа по еден гол во првото полувреме, па по 45 минути игра, на семафорот стоеше изненадувачки 2-0. Виновник за првиот гол беше Јошко Гвардиол кој не забележа дека голманот на неговиот тим е излезен и се обиде да го проигра со глава, а со тоа всушност го лобуваше и му овозможи на Гарначо да ја затресе празната мрежа. За вториот гол, заслуга има речиси цела екипа која изведе извонредна акција кој со погодок ја круниса Мејно. Сити ја имаше контролата над играта, но ретко успеваше да го пробие ѕидот на противничката половина, а со тоа и да го загрозат Онана. Камерунецот се истакна со неколку одбрани и во вториот дел, но во 87. минута направи голем кикс по кој Доку намали на 1-2 и го направи финишот неизвесен.

Сепак, во последните десетина минути, заедно со судиското продолжение, Сити немаше сили да постигне уште еден гол и да се избори за продолженија, па Јунајтед дојде до вториот трофеј под водство на Ерик Тен Хаг, по ланскиот во Лига купот. Од друга, Сити сезонава остана само со еден трофеј, во Премиер лигата, откако лани ја освои тројната круна.