Јунајтед го побарал Касемиро, а тој урнебесно ги откачил - бројот е грешен и им спуштил!

Англискиот великан Манчестер јунајтед не само што има маки на стартот на сезоната по двата порази, уште повеќе не може да најде сериозно засилување, зашто сите ги одбиваат „црвените ѓаволи“, иако предизвик за секој фудбалер е да игра на „Олд Трафорд“.

Безмалку дваесетина фудбалери летово се извртеа на списокот на желби на Јунајтед и менаџерот Ерик Тен Хаг, ама секој обид некого да ангажираат, завршува со неуспех, зашто фудбалерите одбиваат да заминат, иако клубот начелно постигнувал договор за трансфер отштетата.

Последен во низата кого од „Олд Трафорд“ се обиделе да го исконтактираат и да пробаат да го убедат да дојде е Бразилецот Касемиро, ѕвездата на Реал Мадрид. Само што експресно Англичаните добиле корпа.

Како што објави новинарот на „Марка“, Марио Кортегана, откако од „Олд Трафорд“ му се јавиле на Касемиро, тој урнебесно ги откачил, откако им кажал дека бројот што го добиле е грешен, па им спуштил.

Касемиро е еден од клучните фудбалери на Реал во триото со Лука Модриќ и Тони Крос, наречено „бермудски тријаголник“, кое донесе пет европски титули во изминативе осум години (2014, 2016, 2017, 2018, 2022).